Турски пекол за самобендисаниот Мурињо

Фаворитската улога дефинитивно ќе биде поизразена во денешните 1/8 финални натпревари од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Лондонскиот премиерлигаш Челзи важи за апсолутен фаворит и во првата пресметка против актуелниот шампион на Турција, тимот на Галатасарај, а дуелот во Истанбул ќе помине и во знакот на новата средба помеѓу големите пријатели, контроверзниот менаџер Жозе Мурињо од една страна и бомбардерот Дидиер Дрогба од другата страна.

“Сите знаат дека Дрогба ми е голем пријател. Ние постојано сме во контакт. Дрогба ќе ми биде пријател пред и после натпреварот, но не и за време на натпреварот. Јас немам пријатели кога се игра натпреварот. Знам колку е тешко да се игра во Истанбул, тоа го почуствував минатата година кога гостував со Реал (М). Челзи е фаворит, но да не заборавиме, нема лесен противник во елиминациската рунда од Лигата на шампиони”, изјави Жозе Мурињо.

На хартија и шпанскиот гигант Реал (М) важи за голем фаворит пред стартот на првиот 1/8 финален натпревар против германскиот бундеслигаш Шалке.

По пауза од неколку натпревари, предводникот на “кралскиот клуб”, Карло Анчелоти, повторно на раполагање ќе ги има услугите на најдобриот фудбалер на денешницата, Кристијано Роналдо, а најверните фанови на Шалке најмногу очекуваат од напаѓачкиот двоец, Клас-Јан Хунтелар и Кевин Принс Боатенг.