Tурски радикални левичари држат обвинител во заложништво

Членови на турската екстремистичка левичарска организација Револуционерна партија и фронт за народно ослободување (ДХКП-С) денеска киднапираа обвинител во суд во Истанбул, пишува весникот „Хуриет дејли њуз“, пренесува МИА.

Обвинителот Мехмет Селим Кираз е земен како заложник во врска со делото за убиството на тинејџерот Беркин Елван за време на протестите за паркот Гези во 2013 година.

Според весникот, во зградата на судот се слушаат истрели од огнено оружје.

На социјалните мрежи се појавила и фотографија како едно лице држи вперен пиштол во главата на обвинителот Кираз, а во позадина се гледаат знамиња на забранетата турска организација.

Интернет страница, блиска до групата ДХКП-С, објавува дека напаѓачите го киднапирале Кираз и им даваат на властите рок до 15.36 часот да бидат исполнети нивните барања.