Македонија

Турски серии и зошто не?

Турски серии и зошто не?

Граѓаните на Македонија се’ повеќе стануваат, или поточно се многу зависни од турските серии. Покрај повозрасните, на сериите се навлекуваат и помладите.

Тие серии најчесто ги следат на телевизиските канали, но и на Интернет. Интересно е што за разлика од времето на експанзијата на шпанските серии, турските серии, освен се разбира жените, се’ повеќе ги следат и мажите. Ама не сите серии, туку само оние кои не се „досадни“ и не се со иста приказна како останатите, како што велат тие. Но, ова може да се нарече само „перење на умот“ – сите серии се исти.

Во овие серии постојано кружат едни исти приказни, а ликовите се или крајно позитивни или крајно негативни, со што кај гледачот се создава една нереална слика за светот и за луѓето, со оглед на тоа дека децата и повозрасните попримаат речиси се’ од медиумите. Во ниту една серија нема лик кој се одликува и со позитивни и со негативни карактеристики, или личноста е светец или „лошиот чичко“. Ова создава лоша перцепција, многу лоша…

serii

Со оглед на тоа дека повеќето од овие серии се наменети за сите категории гледачи, децата неретко ги следат. Најмалите се најголеми жртви, бидејќи во најраната возраст тие се како сунѓер и впиваат се’. Па, така често децата се огледуваат на ликовите од сериите и попримаат и нивни особини, исто како што е случајот и со цртаните филмови.

– Генерално сериите негативно влијаат кај луѓето, а особено кај децата. Тие немаат одбранбен механизам, ги доживуваат истите автентично, се соживуваат со нив, им се менува речникот. Каналите емитуваат серии со кои ТВ куќите остваруваат профит, а нема едукативни емисии, вели психлогот Милка Ололоска.

Од сериите „фајде“ немаат ниту повозрасните, кои наместо да го искористат слободното време за да излезат да прошетаат, да се подружат, да прочитаат некоја добра книга или да гледаат некој добар филм, тие постојано се зад малите екрани каде се соживуваат и коментираат. Од попладне до вечер нови епизоди, а наутро репризите. И така секој ден.

Психологот Ололоска вели дека луѓето немаат што да прават со слободното време и неселктивно ги гледаат сериите, кои ги доживуваат автентично.

–  Луѓето не знаат што да прават со слободното време и неселективно ги следат ниско буџетните серии. Сите серии се исти, а со нив популацијата се поистоветува. Истите немаат никаква порака, луѓето со нив си го пополнуваат времето, стануваат зависни од нив, ги гледаат репризите, па ги прераскажуваат и така се’ се врти, вели Ололоска, која додава дека преку овие серии луѓето се сведоци на ефекти на насилство, агресија, нетипични изрази, со кои подоцна се поистоветуваат и преку кои им се менува односот кон животните вредности.

serii1

И додека ние секојдневно се „труеме“, турските продукциски куќи како алва ги продаваат сериите кои се опиум за граѓаните од ова подрачје од кои заработуваат на големо, а гледачите од нив неможат да научат буквално ништо, ниту пак можат интелектуално да се надградат.