Македонија

„Турски тек“ го врати Балканот во фокусот

„Турски тек“ го врати Балканот во фокусот

Гасоводот „Турски тек“ го врати Балканот во фокусот на големите сили. Русија преку „Гаспром“ направи чекор напред во реализацијата на политички жешкиот проект, САД ја притискаат Грција да се откаже од рускиот гас и да се држи до енергенсот од Азербејџан, што ќе ја намали и зависноста на ЕУ од Москва. Резервираноста на Брисел дополнително го доведува во прашање целиот проект, кој многумина уште отсега го прогласија за нова шаховска партија на големите сили за ставање на Балканот под своја сфера на влијание, анализира Лидер.

Русија сигурна, ЕУ резервирана, Грција тактизира

Планот е „Турски тек“ да минува под Црното Море во должина од 660 километри, плус уште 250 километри би бил копнениот дел. Вкупниот капацитет на гасоводо би изнесувала 64 милијарди кубни метри годишно, од кои 16 милијарди кубици ќе одат за Турција. Потоа би движел кон Грција, Македонија, Србија, до Унгарија и Австрија. Русите засега не отстапуваат од реализација на проектот. Првиот човек на нафтениот гигант, Алексеј Милер, тврди дека гасоводот ќе биде комплетиран до крајот на 2016-та година.

-Постигнат е договор за пуштање во употреба и за достава на гас преку „Турски тек“ во декември 2016-та година. Компанијата ќе го реализира „Турски тек“ во согласност со постигнатиот договор, вели Милер.

Од другата страна на масата се турската влада и државната енергетска компанија „Ботас“, кои треба да ги прифатат количествата гас што ќе пристигнат преку Црното Море. Светски енергетски аналитичари коментираат дека Турција во овој период тактизира, но не како резултат на релациите Анкара – Брисел – Вашингтон, туку повеќе во обид да извади подобра цена во преговорите.

Следна на картата доаѓа Грција, а тука е веќе проблемот. Пораките за Атина од Вашингтон стигнуваат преку специјалниот претставник на Стејт департментот, Амон Џ. Хохштајн, кој советува Грција да се држи до гасот од Азербејџан, бидејќи на тој начин ќе стане попривлечна за западните инвеститори. Ова значи дека САД ја туркаат изградбата на Трансјадранскиот гасовод, што ќе го пренесува евтиниот еколошки енергенс од Каспискоро Море до Италија.

Конрадикторни изјави доаѓаат и од Белград. Кабинетот на претседателот Николиќ со соопштение го дообјаснуваше интервјуто за Интерфах, потенцирајќи дека претседателот не рекол оти не и треба проектот на Србија, туку дека „Јужен тек“ била подобра алтернатива.

-Тој проект може да ја обезбеди нашата енергетска стабилност, но наместо профитот кој Србија ќе го остваруваше со „Јужниот тек“, со „Турски тек“ би имале повисоки трошоци, вели Николиќ, алудирајќи на средствата што неговата држава би ги инкасирала од транзитот на гасот преку веќе пропаднатиот проект „Јужен тек“.

ЕУ го проблематизира „Турскиот тек“

Европската унија е резервирана околу целиот проект, а Брисел се сомнева дека е воопшто остварлив и економски одржлив. Комесарот за енергија, Марош Шефчович, рече дека „Турскиот тек“ нема да функционира и дека за овој проект се потребни дополнителни консултации. ЕУ стравува дека може да се доведе во позиција да стане енергетски зависна од Русија, па веќе се водат преговори и со Туркменистан и со Азербејџан кои можат да влезат во игра, а со тоа и да ја намалат цената.

Дополнително, односите меѓу ЕУ и „Гаспром“ се веќе заострени. Комисијата отвори истрага против рускиот енергетски гигант, бидејќи Брисел се сомнева дека ја злоупотребувал својата доминантна позиција во Средна и во Источна Европа и ги кршел антимонополистичките прописи на ЕУ. Со други зборови, Брисел тврди руската компанија, која е под државна контрола, им го ограничува правото на земјите – кориснички да го препродаваат гасот, а им наметнува и цени кои не се фер.

За Русите обвинувањата од ЕУ се неосновани, а компанијата тврди дека ги почитува сите норми на меѓународното право и законите во земјите каде работи.

ЕУ нема голем простор за тактизирање

Европа се чини нема многу сили да се спротивствави на енергетската зависност од моќната Русија. Дури во 8 членки на ЕУ (Чешка, Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Словачка, Бугарија, Унгарија) пазарниот удел на Гаспром се движи меѓу 50% и 100%. Најмноќната економија на Стариот континент, Германија, увезува околу 40% природен гас од Русија, па оттука оваа земја често има и поголемо разбирање за позициите на Москва во политичките односи.

Македонија има економски интерес!

Евентуалната реализација на „Турски тек“ ќе биде од огромно економско значење за Македонија. Претходниот проект „Јужен тек“ не предвидуваше нашата земја да биде на главната траса, туку со крак да бидеме поврзани од Србија или од Бугарија. Сега би биле на главната траса, а со тоа би добивале значителни средства од транспортот на гасот низ нашата земја. Тоа го потврдуваат и бизнисмени од Русија.

-Сите енергетски аналитичари очекуваат да се зголемува потрошувачката на природен гас во Европа. Секој гасовод е оправдан, ако од една страна има доволно ресурси, а од друга страна има побарувачка. Јас сметам дека ќе се реализира овој гасовод, а Македонија нема да биде само потрошувач, туку ќе биде транзитна земја за рускиот гас, вели заменик – претседателот на Комората за трговија и индустрија на Руската Федерација, Георги Петров.

За нас, главното отворено прашање претставува финансирањето на проектот. Опциите се гасоводот да се гради со руска концесија, што потоа би се наплаќала од надоместокот за транзит или преку кредити.