„Турски тек“ ќе биде пуштен во употреба во декември 2016 година

Гасоводот „Турски тек“ ќе биде пуштен во употреба во декември 2016 година, соопшти шефот на „Газпром“ Алексеј Милер, пренесува ТАСС повикувајќи се на соопштение на компанијата.

– Постигнат е договор за пуштање во употреба и достава на гас преку „Турски тек“ во декември 2016 година. Во распоредот за работа на проектот „Турски тек“ компанијата „Газпром“ ќе се базира на постигнатиот денеска договор, изјави Милер по средбата со турскиот министер за енергетика и природни ресурси Танер Јилдиз.

Милер и Јилдиз, исто така, разговараа и за доставата на руски гас за Турција и модернизацијата на гасоводот „Син тек“.

На средбата беше нагласено дека за првите четири месеци на 2015 година по „Син тек“ се доставени од Русија за Турција околу 5,4 милијарди кубни метри гас, според оперативни податоци, што е за 4 проценти повеќе, отколку во истиот период на 2014 година.

Учесниците во преговорите истакнаа дека во изминатите десет години побарувачката на гас во Турција е зголемена за повеќе од два пати и турскиот пазар е заинтересиран за понатамошно зголемување на увозот на енерегенси од Русија.

„Син тек“ е гасовод со капацитет од 16 милијарди кубни метри гас годишно, кој минува по дното на Црно Море и обезбедува директна достава на гас за турските корисници.

Претходно заменикот претседател на управниот совет на „Газпром“ Александар Медведев изјави дека четвртиот последен дел од „Турски тек“ ќе биде изграден до 2020 година.

Голем дел од маршутата на „Турски тек“ по дното на Црно Море се совпаѓа со прекинатиот во декември минатата година гасовод „Јужен тек“, наведува ТАСС. Капацитетот на гасоводот ќе биде 63 милијарди метри кубен гас, од кои 47 милијарди ќе се доставуваат до нов центар за распределба на гас на грчко-турската граница. Изградбата на гасоводот е преземена од компанијата „Газпром Русија“.