Турски тек отвара нова ера во односите меѓу Македонија, Грција и Турција

Престојната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Москва и средбата со претседателот Владимир Путин предизвикува незадоволство во Велика Британија и Германија.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, весникот “Катимерини” информира дека британските и германските медиуми за посетата на Москва пишуваат со заплашувачка реторика и висок тон, обвинувајќи ја Грција дека и нанесувала удар на евро-атлантската солидарност. Една од главните теми на средбата меѓу Ципрас и Путин ќе биде учеството на Грција во прокетот Турски тек.

“Можната конструкција на алтернативата на Јужен тек, која што ќе го транспортира рускиот природен гас до Централна Европа преку Турција, Грција, Македонија и Србија, ќе донесе работни места и финансиски придобивки на трајна основа и ќе ги поттикне односите на соработка на нестабилниот Балкан”, пишува “Катимерини”.

За економските, но и за политичките придобивки од проектот неодамна пишуваше и грчкото издание на “Русија сега”. Весникот анализираше дека соработката на Македонија, Грција и Турција во Турски тек ќе ги рестартира дипломатските разговори за отворените прашања меѓу земјите, а Москва ќе стане нов гарант на стабилноста на Балканот бидејќи секоја тензија меѓу страните ќе има негативни последици врз долгорочната одржливост на проектот.

Во овој контекст, во понеделник во Будимпешта, шефовите на дипломатиите на Македонија, Грција, Турција, Србија и Унгарија ќе разговараат на тема енергетска безбедност во Централна и Југоисточна Европа. На средбата се очекува да бидат разменети мислења меѓу државите за тоа дали се подготвени за реализацијата на Турски тек, а на маргините ќе биде остварена и тет а тет средба меѓу шефот на македонската дипломатија Никола Попоски и грчкиот колега Никос Коѕиас, кој што потоа ќе отпатува во Москва за да му се придружи на прмиерот Ципрас.

Во интервју за руската новинска агенција ТАС, Ципрас изрази подготвеност за унапредување на односите меѓу Грција и Русија на повисоко ниво и соработка што ќе овозможи извоз на грчките земјоделски производи на рускиот пазар. Дел од грчките медиуми пак, кои што периодов информираа за “Пуч”, излегоа со тезите дека заложбите на западните сили за спречување на проектот Турски тек, но и непопустливоста на премиерот Никола Груевски за името, беа причина за обидот за државен удар во Македонија, спроведен од лидерот на опозицијата Зоран Заев во соработка со странски тајни служби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.