Балкан

Турскиот Парламент ја одобри владата на новиот премиер Јилдерим

Турскиот Парламент ја одобри владата на новиот премиер Јилдерим

Турскиот Парламент денеска со 315 гласа „за“ и 138 „против“ и изгласа доверба на новата Влада, пренесе МИА, повикувајќи се на ТАСС.

Новиот владин кабинет беше формиран на 24 мај од Бинали Јилдерим, само два дена откако претседателот Реџеп Таип Ердоган го ополномошти да го состави списокот со нови министри.

Премиерот Јилдерим, кој е и нов лидер на владеачката Партија на правдата и развојот (АКП), направи значителни разместувања од кабинетот на својот претходник Ахмет Давутоглу.

Јилдерим смени 11 министри и 2 вицепремиери. Некои клучни министри, сепак, останаа на своите функции – шефот на дипломатијата Мевлут Чавушоглу, министерот за внатрешни работи Ефкан Ала, за енергетика Берат Албајрак, за правда Бекир Боздаг и за финансии Наџи Агбал.

Премиерот во кабинетот го врати министерот за економија Нихат Зејбекчи, кој оваа функција ја заземаше до изборите во 2015 година, и го остави Мехмет Шимшек за вицепремиер за економска политика. Функцијата министер за ЕУ ја презеде Чомер Челик, поранешен министер за култура и портпарол на АКП.

Според мислење на повеќе аналитичари, новата Влада  и новиот премиер се многу поблиски до политиката на Ердоган, отколку што тоа беше кабинетот на Давутоглу.

Како основни цели на кабинетот новиот премиер ги посочи борбата со тероризмот и донесувањето на новиот Устав со заложба за премин кон претседателски систем на владеење или можност претседателот да ги задржи своите партиски надлежности.