Турскиот водач на опозицијата убеден во победата над Ердоган

Лидерот на најголемата опозициска партија во Турција, Кемал Киличдароглу рече дека е убеден во победата на изборите во јуни. Тој рече дека очекува неговата партија да освои „најмалку 60 отсто од гласовите“.

Шефот на Републиканската народна партија (ЦХП) смета дека гласачите кои претходно го поддржувале турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе „се приклонат кон демократијата, а не кон диктатурата“.

Киличдароглу, во интервју за АП, рече дека опозицијата не е изненадена од објавувањето на предвремени избори. Сепак, ЦХП сѐ уште нема одлучено кој ќе биде нивниот претседателски кандидат.

Во интервју за телевизијата НТВ емитувано во живо, Ердоган побара од Киличдароглу да се кандидира за претседател.

Тој треба да влезе во трката. Да видиме колку луѓе ќе гласаат за него, рече Ердоган.

Киличдароглу смета дека Ердоган одлучил да одржи предвремени парламентарни и претседателски избори, кои инаку требаше да се одржат во ноември 2019 година, со цел „да добие поголема моќ и целосно да ја суспендира демократијата“.

Доколку Ердоган победи, Турција ќе стане систем на „режимот на еден човек“, рече Киличдароглу.

Се надевам дека ќе бидеме среќни да одиме на избирачките места на 24 јуни и да се разбудиме со надеж на 25 јуни“, рече Киличдароглу.

На парламентарните избори во 2015 година ЦХП освоиле само четвртина од гласовите.

Турскиот парламент вчера го одобри предлогот за одржување вонредни претседателски и парламентарни избори на 24 јуни, што е повеќе од една година порано од планираното.

Парламентот неодамна одобри продолжување на вонредната состојба за уште три месеци, што беше воведено по неуспешниот воен удар во јули 2016 година.

Ова значи дека парламентарните и претседателските избори ќе се одржат во време на вонредна состојба.