Турските инвеститори наместо повлекување, најавија нови инвестиции

Турските инвеститори не размислуваат за повлекување на своите проекти од Македонија. Се надеваат на брзо разрешување на политичката криза за да може да реализираат и нови инвестиции, а во стабилноста на амбиентот за работа ги увери денеска гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов на средба организирана од Македонско-турската стопанска комора во Скопје, пренесува МИА.

– Македонија во поглед на макроекономските показатели е најуспешна држава во Европа. Продолжувањето на овие успеси на македонската економија зависи од воспоставување на политичката стабилност и се надеваме дека за краток период страните ќе се договорат и оваа криза ќе заврши, изјави претседателот на Македонско-турската стопанска комора Туна Ејуп.

Според него, политичката ситуација има влијание врз инвестициите.

– Политичката, економската стабилност и безбедноста се три основни фактори за инвестирање во некоја странска држава. Кога е загрозена политичката стабилност, тоа влијае и на другите два фактора, рече Ејуп.

Според Ајдован Адемовски, бизнисмен и почесен конзул на Турција во Македонија, нема од што да се стравува бидејќи на Балканот сме научени на вакви ситуации. Изрази надеж за брзо завршување на кризата и продолжување со досегашното темпо за инвестиции.

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов ги увери турските бизнисмени дека нема да бидат доведени во прашање стабилноста на македонската економија, макроекономската стабилност, стабилноста на денарот и дека може да сметаат на еден стабилен амбиент на работење.

Богов ги повика да проодолжат да инвестираат во македонската економија, посочувајќи дека турските бизнисмени како ценети инвеститори значително придонесоа за движењата во македонската економија.