Турските власти наредија апсење на уште 186 лица поради поврзаност со Ѓулен

Турското обвинителство издаде налози апсење на 92 учители и уште 94 лица во три операции против лица кошто се осомничени за поврзаноста со мрежата којашто Анкара ја смета за терористичка организација и организатор на неуспешниот воен преврат од 2016 година, објави новинската агенција Anadolu.

Учителите, по коишто се трага во операциите во Анкара и во уште 19 градови, работеле во училишта кои претходно се затворени поради поврзаност со исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен кој со години живее во доброволен егзил во американската сојузна држава Пенсилванија.

Налози за апсење се издадени за уште 94 лица под слични обвиненија во покраината коња во централниот дел на Турција, како и во 42 други провинции.

Официјална Анкара тврди дека Ѓулен и неговата мрежа, којашто котролираше многу образовни институции на сите степени, медиумски куќи, банки а се има инфилтрирано и во поравосудството, како и во војската и полицијата, е одговорна на неуспешниот пуч од 15-ти јули 2016 година во кој загинаа најмалку 250 луѓе и уште околу две илјади беа ранети. Ѓулен, поранешен близок соработник на актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган со кој сега се огорчени непријатели, во повеќе изјави негираше дека тој или неговите приврзаници имаат некаква врска со неуспешниот преврат.

Во акциите на турските власти коишто потоа следеа затворени се повеќе од 50.000 лица, а повеќе од 150.000 луѓе се исфрлени од образованието, војската и јавните институции.