Турските власти отпуштија 2.400 војници, а затворени се десетици медиуми

По неуспешниот обид за државен удар на 15 јули, биле отпуштени над 2.400 војници, соопштија турските власти.

Околу 1.700 офицери се официјално отстранети од вооружените сили.

Поради учество во превратот, од армијата се повлечени 149 генерали и адмирали, меѓу кои 87 од копнените сили, 30 од воено воздухопловните и 32 од воено морските сили.

Владата одлучи да затвори и десетици медиуми, вклучувајќи 45 весници и 16 телевизии.

Илјадници луѓе беа уапсени под сомнеж дека биле поврзани со пучистите. Десетици илјади службеници се отпуштени од работа за време на чистката извршена во државните институции.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун изрази голема загриженост поради бранот апсења и суспензии во Турција по обидот за воен удар.

Тој во телефонски разговор со турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу изјави дека итно мора да се изнесат „кредибилни докази“ за одговорноста на уапсените, со цел законски да се утврди нивниот правен статус.

Бан, исто така, е загрижен и поради информациите за злоставување на некои од уапсените и за притворските услови во кои тие се наоѓаат.

Генералниот секретар на ОН нагласи дека во земјата по обидот за пуч постојат вонредни околности, но очекува Турција да ги почитува основните права и своите меѓународни обврски.