Турско искуство на семинар за компјутерски криминал

Во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, денеска во Скопје се одржа семинар посветен на компјутерскиот криминал, на кој покрај националните експерти искуства пренесоа истакнати судии и претставници на Правосудната академија на Турција, пренесува МИА.

– Семинарот претставува и официјален почеток на реализација на активностите прецизирани со Работниот план за заеднички настап на две Академии, се со цел унапредување на правосудните системи преку размена на компаративни искуства, истакна директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска.

Досегашната соработка на двете академии, како што рече Арнаудовска е успешна бидејќи Република Македонија и Република Турција имаат исклучително значајна традиционална соработка во сите сфери од политичкиот, општествениот и економскиот живот.

За судијата од Правосудната академија на Република Турција, Хабип Огуз соработката помеѓу двете институции е особено значајна за унапредувањето на знаењата на правните практичари како од Македонија, така и од Турција.

Огузи изрази голема благодараност на Академијата за соработката, како и за можноста да се разменат искуства на теми од областа на правото кои се актуелни и кои предизвикуваат голем интерес кај јавноста подеднакво во двете земји. Додаде дека токму таква е и темата на денешниот семинар посветена на компјутерскиот криминал, кој со развојот на информатичката технологија ја зголемува својата димензија во меѓународни рамки, а воедно и многу често облиците на кривичните дела во кои се појавува.

Покрај судијата Огуз, кривичното законодавство во однос на компјутерскиот криминал во Турција го презентираа Адем Галип Динчтурк, судија на Врховниот суд на Република Турција и Јусуф Цимен, судија, Правосудна академија на Република Турција, како и националните експерти Владимир Милошески, јавен обвинител во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Марјан Стоилков, началник на сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР на РМ.

Семинарот е дел од предвидените активности согласно потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Правосудната академија на Република Турција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.