Туск: Црна Гора предничи во интеграциите

Црна Гора напредува во процесот на европските интеграци, успешно ги спроведува обврските коишто произлегуваат од интеграцискиот процес и со тоа претставува добар пример за државите од западен Балкан, оценија во вторникот доцна вечерта црногорскиот премиер Душко Марковиќ и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Туск, кој престојува во дводневна посета на Подгорица, повторил дека Црна Гора во интерграцискиот процес е држава којашто предничи, како и дека претставува позитивен пример за регионот, што е многу важно за Еропската унија, бидејќи со тоа, како што рекол, „покажува дека во сложената ситуација и во компликуван регион можни се напредување и позитивни придвижувања“.

Марковиќ го пофалил Извештајот на Европската комисија за напредокот на Црна Гора, како коресен документ за натамошно унапредување и забрзување на црногорскиот преговарачки процес.

„Немаме ниедна причина да ги доведуваме во прашање методологијата, ниту содржината на Извештајот, ниту да го критикуваме пристапот на Европската унија. Напротив“, рекол Марковиќ.

Истакнал дека решителноста на ЕУ да се занимава со западен Балкан, Црна Гора ја гледа во средбата на претстојниот самит во Софија, како голема можност за целиот регион. Тој особено им се заблагодарил на европските челници на нивната посветеност на регионот.

Туск во Црна Гора ќе престојува и во средата, а потоа заминува во Србија. На Косово ќе престојува во четврток од каде што истиот ден заминува за Босна и Херцеговина. Последниот ден од неговата балканска турнеја ќе престојува во петокот во Македонија.