Поранешниот полски премиер Доналд Туск ги демантираше тврдењата дека рускиот претседател Владимир Путин му предложил Русија и Полска да ја поделат Украина.
Поранешниот полски министер за надворешни работи Радослав Сикорски го изнесе ваквото тврдење во интервју за американскиот интернет портал „Политико“ и предизвика огромно незадоволство во Полска, поради што тој речиси веднаш се откажа од изјавата, тврдејќи дека бил погрешно разбран.
Сикорски наводно рекол дека ваквата понуда била дадена на состанокот меѓу Туск и Путин во 2008 година во Москва.
Туск истакна дека од Путин никогаш не добил таква понуда, а Сикорски веројатно имал погрешен впечаток врз основа на алармантните изјави кои ги дал Путин на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, кога изјавил дека Украина е вештачки создадена и Русија таму има свои интереси.