Туск доаѓа утре во Скопје

Претседателот на Европскиот совет, седум претседатели и еден премиер ќе бидат гости на претседателот Иванов кој е домаќин на состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи утре во Скопје.

Официјално своето присуство го потврдија претседателите на Хрватска, Колинда Грабар Ќитаровиќ, на Словенија Борут Пахор, на Србија, Александар Вучиќ, на Црна Гора, Филип Вујановиќ, на Албанија, Илир Мета, на Косово, Хашим Тачи, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ. Како специјални гости на состанокот, во Скопје ќе допатуваат и претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.

Во Скопје е одреден прв степен на безбедност поради гостувањето на претседателите во Скопје и тоа од копно и од воздух. Хеликоптери ќе го надлетуваат главниот град, а ќе има и посебен сообраќаен режим на неколку булевари.

Состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони во Скопје ќе го проследат вкупно 156 акредитирани претставници на медиумите, 116 од Македонија и 40 од странство.

По завршувањето на официјалниот дел од состанокот, претседателот Иванов за своите гости ќе приреди вечера во еден скопски хотел. На менито се традиционална македонска храна и домашни вина, а ќе ги забавува македонскиот бенд Баклава кој ќе изведе нивни авторски и традиционални македонски песни.