Туск: ЕУ неможе да и’ го довери клучот за својата безбедност на Турција

Европската унија е должна да разработи единствена миграциска политика и да ги земе под строга контрола своите надворешни граници, но не треба да го доверува клучот за својата безбедност на други држави пред се на Турција. Тоа го наведува претседателот на ЕС, Доналд Туск во статија во француски Фигаро, пренесува МИА.

Пред неколку месеци напоменав дека миграцискиот бран е толку силен и тоа мора да биде спречено. Приоритет треба да е реалната миграциска политика со која државите од ЕУ ќе си ја вратат можноста да донесуваат одлуки за тоа кој ќе ја преминува границата, кога и како. Во тоа е и суштината на една разумна и хумана политика за обезбедување азил, наведува Туск.

Според него, договорот со Турција дава резултати и за неколку месеци бранот мигранти по балканската рута се намали од 70.000 луѓе на 3000 во април.

Но, истовремено одлуката најдена за Балканот не е универзален модел…Никој нема да ги заштити нашите граници освен нас. Ние не можеме да го дадеме клучот од нашата територија, од нашата безбедност на која и да е трета држава, нагласува Туск.

Тој вели дека ЕУ треба да престане со отстапките бидејќи може да се прифатат како слабост.

Само одлучни мерки обезбедуваат реализирање хуманитарни задачи. Ако сакаме ЕУ да остане отворена и толерантна ние не можеме да дозволиме да остануваме без заштита. Неопходна е солидарност и одлучност од сите држави членки по однос на миграциската политика. Бидејќи на опасност е изложена не само иднината на Шенген туку и на целата Унија, предупредува Туск.

Нашата слобода вклучува слобода на говорот и таа нема да биде предмет на какви и да се политички пазари со кој и да е партнер. Таа порака треба да ја слушне претседателот на Турција Ердоган. Може да се водат преговори за пари, но не и за вредности, нагласува тој.

Туск и германскиот канцелар Ангела Меркел в сабота ќе бидат во посета на Турција.