Туск: Ќе барам поддршката за земјата за бегалците да биде иста како предизвиците

ЕУ е со вас и е подготвена да продолжи да со поддршката преку хуманитарна и техничка помош, преку агенциите на Унијата. Подготвени сме да обезбедиме многу повеќе отако ќе имаме проценка за вашите потреби. Ќе зборувам со земјите-членки на ЕУ за тоа што повеќе може да се направи во оваа смисла за да се осигураме дека нашата поддршка за вашата земја и за регионот ќе биде на исто ниво како и предизвиците со кои се соочувате.

Ова го изјави претседателот на Европскиот совет Доналд Туск денеска на заедничката прес-конференција со претседателот на државата Ѓорге Иванов по нивната средба во Скопје посветена на бегалската криза.

– Доколку сме сериозни и сакаме да го задржиме Шенген и патувањето без визи, тогаш мора да бидеме и сериозни и да им помогнеме на земјите кои се на првата линија како што е вашата, рече Туск.

Тој нагласи дека секоја земја има право и обврска да ја штити својата граница, а за ефикасно менаџирање на кризата, нагласи од витална важност е сите земји од рутата да соработуваат и да има ефикасна координација меѓу нив.

– Нашата главна цел денес е да се намали протокот на бегалци, а не само да се олесни нивниот транзит. Тоа значи дека треба да се внимава на финансиската поддршка која би се дала за Турција и за Африка за да може да се намали протокот на бегалци, но тоа значи еднкаво и заштота и помош на вашата земја, рече првиот човек на ЕС постетувајќи дека лани ЕУ за Африка одвоила 20 милијарди евра.

Претседателот Иванов пак посочи дека Македонија, како дел од балканската рута, ги сноси последиците од нефункционалниот механизам на Унијата за распоредување на бегалците во земјите-членки со т.н., неспроведување на регистрација на бегалци и мигранти во земја-членка на Унијата и носење на еднострани национални одлуки во земји-членки на Унијата кои го ограничија протокот на лицата без претходно да не информираат. Тој укажа и дека и покрај ветувањата, земјата се уште нема добиено помош од ЕУ за справување со миграциската криза.

– Од почетокот на јануари оваа година до сега низ Македонија транзитирале половина милион бегалци и мигранти. И покрај ветувањата, Македонија нема добиено никаква финансиска и техничка помош од Европската Унија, во однос на мигрантската и бегалска криза. Иако баравме од Унијата и опрема за регистрација на мигрантите и бегалците и опрема за надзор над државната граница, не добивме ништо. Македонија ги троши сопствените буџетски средства за менаџирање на оваа криза. Само за потреби на безбедносните служби досега сме потрошиле повеќе од 10 милиони евра. Се соочуваме со недостиг од материјални, кадровски и технички капацитети, да одговориме на заканите и ризиците по националната безбедност, рече Иванов.

Претседателот на Европскиот совет попладнево ќе се сретне и со премиерот Никола Груевски.

Пред Македонија,Туск ги посети Србија и Албанија, а по Скопје неговата турнеја низ регионот ќе ги опфати и Босна и Хрватска.