Туск: Лондон во преодниот период мора да ги почитува европските закони

По интензивните преговори кои кулминирале со утринскиот состанок на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и британската премиерка Тереза Меј, при што ЕК оценила дека е постигнат доволен напредок во преговорите за излегувањето на Велика Британија од Европската унија, што овозможува почеток на нова фаза од преговорите за идните односи.

„Европската комисија денеска му препорача на Европскиот совет (шефовите на држави или влади на членките на Европската унија) заклучок дека е направен доволен напредок во првата фаза од преговорите. Сега Европскиот совет на состанокот од 15-ти декември ќе одлучи дали постои доволен напредок, што ќе овозможи преговорите да минат во втората фаза“, објави во петокот утрото Европската комисија.

Во петокот во 7 часот утрото во седиштето на Европската комисија пристигнала британската премиерка Тереза Меј на состанокот со претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, а претходно во текот на ноќта траеле интензивните преговори, некои теелфонски некои директни, меѓу ЕК, британската и ирската влада.

Во преговорите како најтешко прашање се поставило барањето решение за границата меѓу Република Ирска членка на ЕУ и британската покраина Северна Ирска. Во соопштението на ЕК се наведува дека Обединетото Кралство „ја признава единствената ситуација на ирскиот остров, како и дека се преземени значителни обврски за да се избегне цврстата граница“.

„Ова се тешки преговори, но сега направивме пробив. Задоволен сум од чесниот договор со Обединетото Кралство“, изјави претседателот на ЕК, Јункер.

ЕУ ќе преговара со Велика Британија за преодниот период од две години во коишто земјата ќе остане дел од единствениот пазар и царинската унија, но притоа ќе мора да ги почитува сите прописи коишто ќе ги донесат простанатите 27 членки на Унијата, изјави подоцна во петокот претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

„Како што знаете, Обединетото Кралство побара преоден период од околу две години, во кој ќе остане дел од единствениот пазар и царинската унија. Ние сме подготвени за тоа да преговараме, но секако имаме услови“, изјави Туск за новинарите откако Јункер и Меј објавија дека е постигнат договор кој овозможува почеток на следната фаза до преговорите за Брегзитот, онаа за трговските односи.

Туск како услови на ЕУ наведе дека Велика Британија ќе мора да ги почитува сите нејзини закони, вклучително и новите коишто ќе ги донесат преостанатите 27 земји членки на Европската унија, да ги почитува буџетските обврски, како и правосудниот надзор. Притоа истакна дека досегашните преговори биле полесниот дел и дека допрва претстои многу потешката фаа.

„Сите знаеме дека прекинувањето на односите е тешко, но прекинувањето и истовременото градење нови односи е уште потешко“, рече Туск.

 

Приоритетите на Брисел во Брегзитот

ЕУ од почетокот на преговорите за Брегзитот инсистира на тоа дека преговорите треба да се водат во две фази: дека прво треба да се решат прашањата кои се однесуваат на раздружувањето и дури потоа кога за тоа ќе се постигне доволен напредок, може да се премине во новата ваза за идните односи. Велика Британија, од своја страна, пак, постојано бараше тие преговори да се водат паралелно.

Унијата постави три приоритетни области во коишто мора да се постигне доволен напредок за да може да се премине во втората фаза: правата на државјаните на земјите членки во Велика Британија и на британските во ЕУ по Брегзитот, исполнување на финансиските обврски на Велика Британија кон буџетот на ЕУ, како и прашањето на границата меѓу Ирска и Северна Ирска.

Иако извесно време како најтешко прашање се покажуваше финансиското договарње, на крајот е постигнат договорот според кој Велика Британија ќе ги почитува сите обврски кои се договорени во Европската унија со 28-те членки. Исто така, им се гарантираат еднакви права на сите граѓани и по Брегзитот.

Најтешко се покажа, пак, прашањето за границата на ирскиот остров. Имајќи предвид дека Велика Британија се одлучи за ткн „тврд Брегзит“, што значи излегување од единствениот европски пазар и од царинската унија, се поставува прашањето за границата меѓу двете Ирски. Во рамките на мировниот процес во Северна Ирска постигнат е договор за укинување на физичката граница меѓу Ирска и Северна Ирска. Договорот постигнат на Велик петок 1998 година овозможи слободен проток на луѓе, стоки и услуги и доведе до голем степен на интегрираност на двете економии, а што сега беше доведено во прашање, доколку повторно се поставата граничните и царинските контроли. Имајќи предвид дека царинската унија по дефиниција подразбира јасно дефинирани и контролирани граници, сега е потребно да се пронајде инспиративно решение за новосоздадената ситуација.

Според нацртот на насоките за преговорите за идните односи, доколку не дојде до договор за решение на пограничниот режим на ирскиот остров, „Обединетото Кралство ќе ги задржи правилата коишто се однесуваат на внатрешниот пазар и царинската унија“. Нацртот за преговорите за насоките на Европскиот совет, преодниот период ќе трае две години и за тоа време Велика Британија останува дел од единствениот пазар и царинската унија, но повеќе нема да учествува во работата на европските институции и нема да има право на глас, но ќе мора да ги почитува сите европски прописи.