Туск: Во повеќето работи се согласуваме со Трамп, освен за климата, трговијата и Русија

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави во четвртокот во Брисел по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп дека меѓу двете страни постои согласност за многу прашања, но дека прашањата за климата и трговијата остануваат отворени, како и во поглед на некои аспекти од односите со Русија.

„Разговаравме за надворешната политика, безбедноста, климата, трговските односи. Мислам дека во многу области се согласуваме, во прв ред во поглед на борбата против тероризмот, мислам дека не морам да објаснувам зошто“, рече претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Но „некои прашања остануваат отворени, како климатските промени и трговијата, а не сум целосно сигурен дека можеме да кажеме – дека ние, мислам на претседателот Трамп и мене – имаме заедничка позиција околу Русија, иако кога станува збор за судирот во Украина се чини дека слично размислуваме“, додаде Туск по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп.

„Мојата главна порака на претседателот Трамп беше дека темелните западни вредности како слободата, човековите права и почитувањето на човековото достоинство, е она што ја дава најдлабоката смисла на нашата соработка и пријателство“, истакна Туск.

„Денес најголемата задача е консолидацијата на целиот слободен свет околу тие вредности, а не само околу интересите. Вредностите и принципите на прво место – тоа е она за што ние, Европа и Америка, би требало да зборуваме“, заклучи Туск.

Американскиот претседател Доналд Трамп по средбата не даваше изјава за новинарите.

Туск го прими Трамп во зградата Европа, новото седиште на Европскиот совет. На состанокот подоцна се приклучи Европската комисија, Жан-Клод Јункер, а малку подоцна и претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини.

Состанокот со челниците на европските институции траше час и половина. Во кусата снимка којашто ја објави ЕУ, може да се слушне како Туск му вели на Трамп: „Знаете господине претседателе, ние во ЕУ имаме два претседатела“. „Знам“, одоговара Трамп, а Јункер на тоа се надоврзува „имаме еден повеќе“.

Станува збор за првата средба на Трамп со европските челници, со коишто во текот на ланската претседателска кампања често разменуваше остри критики. Трамп подоцна во американската амбасада во Брисел, каде што ноќеваше, го чека работен ручек со новиот француски претседател Емануел макрон, а подоцна попладнето и самитот на НАТО.

Челниците на 28-те земји членки на НАТО се собираат денеска во Брисел на кус самит на кој првпат учествива американскиот претседател Доналд Трамп, чиишто изјави за застареноста на Алијансата и за Брегзитот како одлична работа и критиките за недоволното влижување во одбраната на сојузниците предизвика голема вознемиреност во Европа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.