Туск: Значително е намалена илегалната миграција

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави вчера дека минатомесечната спогодба меѓу Турција и Европската унија за решавање на проблемот со приливот на мигрантите почнала да дава резултати, пренесе МИА.

Видовме значително намалување на текот на илегалната миграција, рече Туск.

Тој за време на посетата на Турција ја пофали таа земја како најдобар пример за тоа како бегалците треба да бидат третирани.

ЕУ ќе потроши една милијарда евра ова лето за проекти за подобрување на животот на сириските бегалци, изјави вчера Туск на прес-конференцијата во Газиантеп.

Канцеларката Меркел допатува вчера попладне со претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск и потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс во градот Газиантеп, во обид да дадат поттик за примената на спогодбата меѓу ЕУ и Анкара за решавање на бегалската криза, а на аеродромот ги пречека турскиот премиер Ахмет Давутоглу.