Тутунарите тријат раце, годинава инкасираа повеќе пари од лани

„20 декари засадуваме и оваа година. Годинава имав над 3 тона, беше добро во однос на лани. Субвенциите ги има секоја година по 60 денари“

„Продолжуваме со садење на тутунот“ – велат производителите од Прилеп.

Во Македонија од тутунот егзистираат околу 40 илјади семејства, на дел тоа им е основен приход, на други дополнителен бизнис.

„Се очекува годинава да има насадено околу 7 илјади хектари тутун, од околу 11 илјади производители. Мислам дека годинава добро помина тутунот“ – вели Коста Дурланов од Министерството за земјоделство.

Трошоците се ниски, откупот и субвенциите се гарантирани.  Се зголемува и конкуренцијата меѓу откупувачите. 

„За разлика од лани, годинава има повисока цена. Оваа година, има уште една откупна компанија, тоа се вкупно десет, што значи дека интересот е голем. Оние 60 денари ни ги покриваат трошоците за самото вложување во тутунопроизводството и останува чист бенефит“ – вели претседателот на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија, Данчо Милески.

Каква цена се постигна годинава? 

Годинава тутунот постигна исклучително висока отпупна цена од 185 денари за килограм, за 58 проценти повеќе во однос на лани. Квалитетот беше повисок, а реколтата пониска во однос на првичните проекции. Се откупија 19 илјади тони, односно за околу 24 проценти помалку во однос на претходната година, како резултат на помалиот број склучени договори.

„Производството се стабилизираше во однос на количество, цена, површина, договори“ – велат од Стопанската комора на Македонија. 

Нема замена за „жолтото злато“

Македонија нема да прифати замена за тутунот со друга земјоделска култура, како што препорачува Светската здравствена организација.

„Инсиститраме на неприфаќање на која било методологија што не гарантира сигурност и профитабилност на фармерите. Исто така, треба да се имаат предвид климатските услови.  Тутунот се сади во сушни региони што е дополнителен проблем, па замената со друга култура е сериозна инвестиција. Алтернативните култури бараат дополнителни средства за маркетинг, промоција, за едукација на работната сила. Ниту една друга култура не може да обезбеди егзистенција за овие семејства без дополнителни трошоци “ – вели Васко Ристовски од Стопанската комора.

Светската здравствена организација, пак, препорачува да се намалат посевите со ориентален тутун, што директно ќе се одрази врз приходите на земјоделците.

„Македонскиот ориентален тутун, поради својот висок квалитет, е многу ценет на меѓународните пазари и претставува значаен извозен производ. Засега нашата држава не предвидува мерки за намалување на производството на тутун. Поради осетливоста, тоа прашање е оставено за понатаму, по евентуалниот влез на Македонија во ЕУ, кога плановите за производство се усогласуваат со правилата на ЕУ“ – вели универзитетскиот професор, Златко Арсов.