Тужби и кривични пријави за фирмите кои нема да исплатат К-15

За 74 фирми од вкупно регистрираните 71.290 во Македонија се поднесени претставки во врска со исплатата на регресот на годишен одмор или попознат како К-15.

Државниот инспекторат за труд поднел претставки за 54 фирми, а Сојузот на синдикати на Македонија за 20 компании, главно од текстилната индустрија во Тетово, Битола, Кочани и Скопје. Злоупотреби во исплатата на К-15 имало и во оранжерии во Свети Николе, градежни компании во Скопје, како и во фирми за обезбедување, брокерски куќи и неколку медиуми.

– ССМ ги достави претставките до Државниот инспекторат со кого се договориме да имаме засилени контроли во компаниите. Се надеваме дека во заедничка активност со Министерството за труд и социјална политика ќе успееме да дојдеме до 100-процентна исплата на регресот на годишен одмор, истакна претседателот на ССМ, Живко Митревски на денешната прес-конференција, додавајќи дека во 90 проценти е почитувана законската обврска.

Тој нагласи дека во оние фирми каде нема да биде исплатен К-15, ќе бидат доставени тужби, а онаму каде ќе биде потврдено дека работниците биле принудени да ги вратат парите, ќе бидат поднесени кривични пријави.

Анализите на ССМ покажале дека работниците имаат проблеми и околу користењето на годишните одмори, поради што, најави Митревски, ќе предложат до Економско-социјалниот совет да се користи во неколку делови вториот дел од годишниот одмор.

Во следниот период ССМ ќе настојува и работниот однос во државата да биде претежно на неопределено време.

– Мислам дека кризата изминува и се создаваат услови да обезбедиме постабилен работен однос на работниците. Ќе инсистираме како синдикат работниот однос посебно во слободните економски зони наместо на определено, да биде на неопределено време, рече Митревски.

Во текот на 2014 година во ССМ имало 2.243 обраќања по разни правни основи што е намалување во споредба со 2013 година кога се евидентирани 3.633 обраќања.

Најмногу поплаки имало во Агросиндикатот (779), по што следуваат Синдикатот на индистријата, енергетиката и ридарството со 570 претставки, Синдикатот за угостителство и туризам со 300, Синдикатот на градежништво со 207, здравство со 61, Синдикатот на УПОЗ со 66, Синдикатот на шумарство со 47, сообраќај со 27…

Најголем дел од претставките се поврзани со неисплаќање на плати, по што следуваат постапките за неисплата на регрес за годишен одмор и за стечајни постапки.

Со бесплатната правна заштита, Сојузот на синдикати на Македонија им заштедил на работниците 13.461.342 денари.

МИА