Тврдењата на Заев се лага – Автомобилот не е на Груевски, туку на МВР

Зоран Заев презентираше режирани и сечени материјали кои не докажуваат ништо криминално и ништо што не е во согласност со законите. Неговото воведно обраќање преставува манипулација и наведување во целосно погрешен контекст кој единствено му одговара на Зоран Заев, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Токму затоа тој имаше денес подолг наратив од самите креирани материјали кои ги пушта во јавноста. Тоа е од причина што самите материјали иако и така монтирани и сечени немаат никаква релевантност и не докажуваат ништо.

Па така тој спомена дека биле организирани авионски линии за пренесување на гласачи, а всушност зад тоа стои организирање на авиони за следење на европското првенство во кошарка, нешто за што беше информирана и целата јавноста и се одвиваше низ комплетно транспарентен процес.

Потоа Заев сакаше да престави дека бил направена незаконитост со заплена на компјутери, а всушност станува збор за опрема која е одземена и по направените проверки постои обврска истите да бидат вратени, што и било направено.

Што се однесува до автомобилот кој Заев го спомнува станува збор за комплетно неточен и манипулативен  наратив. Автомобилот не е на Никола Груевски, туку сопственост на Република Македонија, поточно на Министерството за внатрешни работи кое се користи за обслужување на високи странски гости, делегации и политичари, што и досега било користено. Автомобилот е блиндиран што ја објаснува и неговата вредност. Заради фактот што возилото во кое се вози премиерот е над 20 години старо, новиот автомобил се користи при посети на премиерот надвор од Скопје, или во случаи кога старото возило кое го користи е на поправки или сервис.

Сите тврдења на Зоран Заев се шпекулација, невистина и лага. Целокупното негово политичко дејствување се заоснова на монтирани и сечени материјали чија драматичност се прави со исклучиво неточен наратив. Денес дури и самиот ги интерпетираше зборовите и сопственото толкување на работите. Самите креирани материјали не се соодветни со фактичката состојба. Нема ниту рекет, ниту местење на тендери. Зоран Заев е свесен за тоа и затоа отворено манипулира“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.