Уапсен братот на организаторот на нападот во Санкт Петербург (видео)

Руската Федерална служаба за безбедност (ФСБ) објави во средата дека го уапсила Акрам Азимов, братот на осомничениот за организирање на терористичкиот напад во подземната железница во ткн северна престолнина Санкт Петербург од 3 април кога беа убиени 14 луѓе, а повеќе од 50 беа ранети, Аброр Азимов.

Според соопштението што го пренесува агенцијата ТАСС, Акрам Азимов бил уапсен во село во близина на Нова Москва.

Според киргиските медиуми, Акрам Азимов, кој се наоѓал на лекување во една клиника на југот од Киргистан, веднаш по неговото апсење бил испрашуван од тамошната безбедносна служба, по што не се вратил ниту во клиниката ниту дома. Неговото семејство се сомневало дека киргистанските власти го депортирале во Русија.

Меѓутоа, агенцијата РИА, повикувајќи се на извори од истрагата, наведува дека Азимов не бил депортиран, туку доброволно дошол во Москва за сослушување. Изворот додал и дека веќе следниот ден по атентатот на барање на руската истрага, допатувале и родителите на бомбашот самоубиец Џалилов, за да учествуваат во истражните дејствија, вклучително и идентификацијата на телото.

Станува збор за две години постариот брат на 27-годишниот Аброр Азимов, кој беше уапсен во понеделникот во Подмосковје и е осомничен дека е еден од организаторите и го обучувал бомбашот самоубиец, 22-годишниот Киргистанец Акбарџон Џалилов.

Акрам Азимов е осомничен за вмешаност во терористичка активност, и дека било „утврдено дека учествувал во доставување пари користени при подготвувањето на терористичкиот напад, како и во организирањето канали на врски со претставници на меѓународни терористичките организации“.

При апсењето, како постариот брат Азимов била пронајдена граната. Тој е десеттиот уапсен за терористичкиот напад во петербуршкото метро, и сите потекнуваат од претежно муслиманските централноазиски поранешни советски републики.

Неколку дена по нападот, за тероризам беа обвинети осум мажи, шест мина беа приведени во Санкт Петербург, а двајца во Москва.

Засега не се познати мотивите на Акбарџон Џалилов, а руската истражна комисија ги разгледува можните врски со џихадистичката групација Исламска држава којашто не ја презема одговорноста за овој напад.

При претресите на нивните домови пронајден е експлозив идентичен со оној кој бил откриен и неутрализиран веднаш по смртоносниот терористички напад во подземната железница. Истрагата смета дека Џалилов ја оставил неутрализираната направа на станицата на Плоштадот на востанието, а потоа се разнесол во вагонот меѓу две други метро станици.