Уапсен човекот кој носеше мали девојчиња во Исламската држава

Турскиот министер за надворешни работи Мевљуд Чавушоглу денеска изјави дека е приведен човекот, кој им помогнал на три исчезнати британски девојчиња да стигнат до редовите на групата Исламска држава (ИД) во Сирија, пренесе агенцијата Анадолија.

Чавушоглу во интервју за телевизијата „Хабер А“ посочи дека приведениот работел за разузнувањето на земја-учесничка во меѓународната коалиција за борба против ИД, посочуваат британските медиуми.

Чавушоглу не прецизира за која земја работел приведениот, но изјави дека не станува збор за земја членка на ЕУ, ниту за САД. Во  меѓународната коалиција за борба против Исламска држава, исто така, партиципираат Саудиска Арабија, Катар, Јордан, Бахреин, Австралија и Канада, забележаа британските медиуми.

Првиот турски дипломат посочи дека оваа информација му ја предал на својот британски колега.

Турски официјален претставник, кој посака анонимност, изјави дека приведениот шпион во моментов се наоѓа во притвор.

– Лицето работело за разузнавачка организација на земја од коалицијата, но не е државјанин на оваа земја. Лицето не е ниту турски државјанин, прецизира изворот.

Трите британски ученички: 15-годишната Шамима Бегум, 16-годишната Кадиза Султана и 15-годишната Амира Абазе, на 17 февруари пристигнаа во Истанбул од Лондон со авион на турскиот национален авиопревозник „Туркиш ерлајнс“. Неколку дена подоцна британската полиција соопшти дека трите девојчиња веројатно преминале во Сирија.

Турција ги прекори  британските власти за доцнење на информациите од Лондон за  трите исчезнати британски ученички.

Анкара подвлекува дека има потреба овие информации да ги добива пред пристигнувањето на лицата на нејзина територија, за да може да го пресече дотокот на кандидати за џихадисти. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.