Уапсен директорот на Клиничкиот центар во Љубљана поради мито

Словенечката полиција во рамките на акцијата за откривање на осомничени за криминал и корупција, денеска уапси пет лица меѓу кои и директорот на Клиничкиот центар во Љубљана Симон Врхунец, објавија словенечките медиуми.

Според наводите на полицијата, истрагата се однесува на кривични дела на злоупотреба на положбата, за што е предвидена казна до осум години затвор.

За време на големата истрага за корупцијата во здравствениот систем, полицијата кон средината на декември приведе 11 лица, а меѓу нив и неколку хирурзи и повеќе претставници на болници задолжени за набавка на опрема односно двајца директори на аптеки поради давање или нудење на мито.

Утврдено е дека лекарите и првите луѓе во болниците и другите здравствени установи нуделе цени на опремата и лековите кои вклучувале незаконски провизии во кои било вклучено мито од пет до 20 отсто од конечната цена.

Висината на митото изнесувала од 10 до 100 илјди евра, а добавувачите на опремата како награда на лекарите и првите луѓе, парите ги уплаќале на сметка во соседните држави и во Германија.

Се смета дека Заводот за здравствено осигурување поради ваквите манипулации на годишно ниво губи десетина милиони евра.