Уапсен директорот на Управата за животна средина

Во Акцијата на МВР уапсен е директорот на Управата за животна средина И.Т., инспектор во Државниот инспекторат за животна средина Л.Г. и помлад соработник во секторот за општи работи при Управата за животна средина .А.Р., Тројцата вработени се уапсени за несовесно работење и за примање поткуп.

Основниот суд Скопје 1- Скопје им определи превентивни мерки: забрана за напуштање на живеалиште, обврска лицaта повремено да се јавуваат кај определено лице во Судот и забрана за преземање определени работни активности.

Судијата на претходна постапка по разгледување на доказите и фактите што беа предложени од Обвинителството заедно со Предлогот за определување на превентивни мерки и по сослушување на приведените во присуство на нивните бранители, оцени дека се исполнети условите што произлегуваат од одредбите на Законот за кривичната постапка за определување на превентивните мерки на лицата: Л.Г., инспектор во Државниот инспекторат за животна средина осомничен за „Несовесно работење во службата“ од член 353-в и „Примање поткуп“ од член 357 од КЗ; И.Т., директор на Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање, осомничен за „Несовесно работење во службата“ од член 353-в; А.Р., помлад соработник во секторот за општи работи при Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање, се вели во соопштението на судот.

Поголем број лица, сопственици или управители на компании се осомничени како соучесници и ќе бидат повикани на разговор.

Неофицијално, според податоци на истрагата, на едно од осомничените лица „Фени индустри“ му платило патување во Англија и карти за да гледа натпревар на фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед. Други фирми имале друг вид на поткуп.

Сомненијата се во насока на злоупотреба на службената положба и поткуп при издавање дозволи за увоз.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.