Свет

Уапсен џихадист во Германија кој се претставувал како бегалец од Сирија

Уапсен џихадист во Германија кој се претставувал како бегалец од Сирија
Уапсен џихадист во Германија кој се претставувал како бегалец од Сирија

Пред воведувањето на гранични контроли кон Австрија, германската полиција уапсила еден маж осомничен за тероризам, кој се претставувал како бегалец од Сирија, јави дописникот на МИА од Берлин.

Уапсениот, кој се криел во бегалски центар во Германија, според германската телевизија РТЛ, е 21-годишен Мароканец, кој имал лажен идентитет и бил регистриран како барател на азил во населба во Штудгарт.

Тој бил откриен откако полицијата го поврзала со потерница издадена од Шпанија. Тој во оваа земја бил обвинет за регрутирање борци на Исламска држава (ИД) и бил главен контакт за оние кои сакале да се борат во редовите на џихадистичката група во Сирија и Ирак.

Првиот случај на уапсен осомничен за тероризам, кој се криел меѓу барателите на азил, отвори дебата за вистинската опасност од тероризмот во Европа по пристигнувањето на најголемиот бран бегалци на стариот континент по Втората светска војна.

Британските медиуми на почетокот на август пренесоа изјава на сириски разузнавач, кој тврдеше дека повеќе од 4.000 припадници на ИД преку бегалските канали веќе пристигнале во Европа. Од тогаш повеќе од 200 илјади бегалци пристигнаа на европско тло.

Дополнителна причина за неочекуваната одлука на Берлин да воведе гранични контроли на границата со Австрија би можела да биде и сликата на која се гледа како бегалци во Германија во судир со полицијата веат знаме на ИД, но и веста на весникот „Тагешпигел“ во која се вели дека германски царински оперативци во соработка со своите колеги во Бугарија, откриле пратка од 10 илјади сириски пасоши што требало да пристигнат во Европа.

Според анализите, пасошите требало да бидат користени од оперативци на ИД за време на извршување на нивните операции во Европа.

Согласно меѓународните и европските правила, поседувањето сириски пасош е доволна причина носителот да добие статус на бегалец или азилант во која било европска земја.

Во пратката имало и оригинални и фалсификувани пасоши, а тие на црниот пазар вредат околу 1.500 евра, наведува весникот, додаајќи дека ретко кој од вистинските бегалци можат да си дозволат да платат толкава сума за патни документи.

Според „Тагешпигел“, сириските пасоши се најбарани во Ирак, Авганистан и Пакистан, а 9 од 10 бегалци кои преку Македонија и Србија влегле во ЕУ, тврдат дека се Сиријци.

Постоењето на лажни сириски пасоши го потврди и шефот на Европската гранична полиција – Фронтекс, Фабрис Легери, кој изјави дека фалсификуваните пасоши се изработени во Турција, а нивните корисници најчесто зборуваат арапски и во најголем број се економски мигранти, а не бегалци.

Објаснувајќи ја вчера мерката за воведување на контроли на границата со Австрија, покрај враќањето на процедурата за евиденција и прием на бегалците согласно законите, германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мазиер рече дека одлуката е донесена и поради безбедносни причини, не давајќи повеќе детали за ова прашање.