Уапсен еден од главните криумчари на мигранти

Во Грција е уапсен лидер на банда на трговци со луѓе за кого се тврди дека е главниот криумчар на мигранти, а кој криумчарел мигранти преку Западен Балкан од 2015 година, информираа денеска од Европол.

Лидерот на шверцерите, сириски државјанин, бил уапсен на 12 јуни во Атина, заедно со еден соучесник, кој фалсификувал документи, благодарение на заедничката акција на грчката и на унгарската полиција.

Седиштето на бандата било во Унгарија, а за време на транспортот на мигрантите во 2015 и 2016 година бил под истрага на голем број на земји- членки на ЕУ.

Истрагата покажала дека тој се преселил во Грција по затворањето на рутата преку Западен Балкан за да продолжи да се занимава со криминални дела, поради што Унгарија по него распишала европска потерница.

За време на апсењето, во станот во кој престојувал биле пронајдени 53 документи- пасоши, лични карти, печати за визи, дозволи за престој, возачки дозволи, картички за социјално осигурување од целиот свет.

Во моментов, форензичарите ги испитуваат сите документи, а некои од нив се пријавени за исчезнати или украдени.