Уапсен грчкиот бизнисмен Кондоминас

Тројца познати грчки бизнисмени се уапсени од грчката полиција, додека по седуммина други се уште се трага, објавија денеска медиумите во Грција.

Грчката полиција соопшти дека во петокот вечер во Турција бил уапсен Ангелос Филипидис, поранешен претседател на Хеленик Постбанк.

Меѓу обвинетите е и Димитрис Кондоминас, познат грчки бизнисмен и сопственик на грчката ТВ Алфа. Тој е хоспитализиран, а неговата болничка соба е под силен полициски надзор.

Кондоминас е познат на македонската јавност по неговите бизнис-зделки во земјава, а една од последните се и изградбата на Офицерскиот дом и хотел во центарот на Скопје, дел од проектот Скопје 2014.

Истрагата за целиот овој скандал почнала лани на трети јуни. Обвиненијата за сите се за измама против државата поголеми од 150 илјади евра, измами со материјална штета до и над 30 илјади евра, соучество во измама, легализација на приходи од нелегални активности (перење пари), за соучество во перење пари, дело во кое е вмешан и еден вработен во банка.