Уапсен косовски шпион во касарната „Илинден“?

Косовски државјанин бил уапсен вчераутро под сомнение дека неовластено влегол во кругот на скопската касарна „Илинден“ и дека правел скици или цртежи на објектите, соопшти МВР.

Во полициската информација се вели дека косовецот бил приведен во полициската станица Карпош, но не се прецизира што фотографирал, односно скицирал тој.

На 13 ноември во 10 часот во Полициска станица Карпош, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени дејствија“ бил приведен  Х.Р. (58) од Косово. Истиот бил затекнат во кругот на касарната „Илинден“. По целосно расветлување и документирање на случајот ќе му биде поднесен соодветен поднесок и ќе се превземат понатамошни дејствија, се вели во информацијата на МВР.

Ова е втор ваков случај. Имено, пред околу еден месец, триесетгодишен британски државјанин беше приведен во касарната „Илинден“ во Скопје, откако неовластено се движел во самиот круг на касарната, но исто како и во сегашниот случај, и тогаш МВР не објасни за кои дејствија е приведен странецот.

Инаку, ако се докаже вината, за обвинување „Неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени средства“ во Кривичниот законик на РМ во според Член 350 стои дека „(1) Тој што заради извидување неовластено ќе влезе во воен објект иако знаел дека пристапот е забранет, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година: и (2) Тој што неовластено прави скици или цртежи на воени објекти или на борбени средства или ги фотографира, односно на друг начин ги снима, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.