Уапсен осомничен за нападот врз автобусот со фудбалерите на Борусија

Германската полиција уапсила во петокот 28-годишен маж осомничен за бомбашкиот напад врз автобусот со фудбалерите на дортмунтска Борусија пред првиот меч од четвртфиналниот дуел со Монако во Лигата на шампионите минатата седмица.

Во соопштението на канцеларијата на германскиот федерален обвинител се наведува дека мажот, којшто поседувал германско и руско државјанство, е обвинет за обид за убиство, нанесувње тешки телесни повреди и предизвикување експлозии. Уапсен е во текот на полициската операција во близина на градот Тубинген во југозападната сојузна покраина Баден-Витемберг.

Според дневниот весник Bild, приведениот е осомничен дека учествувал вo убиства, а го привлекол вниманието на хотелскиот персонал во близина на експлозијата. Хотелскиот персонал навел дека додека се евакуирале луѓето од зградата, осомничениот Сергеј В., доселеник од Русија, одлучил да не го напушта комплексот, влегол во ресторанот и си порачал вечера. Исто така, ја сменил резервираната соба и побарал соба со поглед кон улицата. Полицијата претпоставува дека ја активирал бомбата со далечински управувач.

Германското обвинителство инцидентот го оцени како терористички напад. Се претпоставува дека оспмничениот сакал да заработи пари. Полицијата утврдила дека пред нападот тој преку интернет купил акции од Борусија Дортмунд за 78.000 евра. Со нападот сакал да предизвика пораст на вредноста на акциите и да заработи околу четири милиони евра.

Вечерта на 11 април во Дортмунд пред четвртфиналето во Лига на шампионите меѓу Борусија Дортмунд и францускиот клуб Монако во близина на автобусот на германските фудбалери експлодира бомба, при што беше повреден играчот Марк Бартра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.