Уапсен рускиот режисер Кирил Серебреников

Познатиот руски театарски и филмски режисер, Кирил Серебреников, е уапсен под сомнение за сторена „измама“.

Според обвинението, тој присвоил 68 милиони рубљи (околу 1,1 милион долари) од државните фондови на Русија, што биле доделени за еден театарски проект.

Серебреников е познат како редовен и остар критичар на цензурата во уметноста во Русија.

Неговиот балет за животот и работата на познатиот руски балетан Рудолф Нурејев, кој во времето на Советскиот Сојуз пребега на Запад, беше повлечен уште пред да биде премиерно изведен, поради, се уште, до крај неразјаснати околности.

Бољшој театарот во Москва, каде се подготвуваше овој балет, објасни дека продукцијата на Серебреников не била подготвена за прикажување.

Во дел од руската културна јавност, меѓутоа, се смета дека повлекувањето на проектот било направено затоа што се проценило дека балетот е „премногу современ“ за конзервативна Русија.

Случајот со овој режисер се провлекува веќе неколку месеци. Неговиот стан во Москва, во мај беше детално претресен, а други двајца режисери од  државниот театар „Гогољ центар“, што е матична куќа на Серебреников, беа уапсени за поврзаност со неговиот случај.

Апсењето и обвинувањето на еден познат режисер, во Москва се толкува како обид на власта да го „замолчи“ Серебреников.

Руските медиуми пишуваат дека доколку биде прогласен за виновен, тој ќе се соочи со затворска казна од десет години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.