Уапсен сириски бегалец поврзан со нападот во црквата во Франција

Француската полиција уапси еден сириски бегалец поради сомнеж за поврзаност со џихадистичниот напад во црквата во близина на Руан во вторникот, при што беше убиен католички свештеник, пренесува МИА.

Како што јавија француските медиуми, повикувајќи се на полициски извори, приведениот Сириец бил сместен во центар за апликанти за азил во централна Франција.

Со приведувањето на Сириецот, бројот на лица уапсени во врска со нападот во црквата се искачи на тројца.

Нападот го извршија двајца осомничени исламисти, кои упаднаа во црквата во местото Сен Етјен ду Рувре, задржувајќи ги присутните како заложници. При инцидентот тие го заклаа свештеникот пред олтарот на црквата и ранија уште едно лице. Напаѓачите беа убиени од полицијата при обид да побегнат од црквата.

Одговорност за нападот презеде џихадистичката група Исламска држава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.