Уапсени 17 лица во меѓународна акција против сајбер криминал

Во заедничка полициска операција на 16 европски држави и САД, се затворени неколку стотици „мрачни“ интернет страници, за продавање дрога и оружје.

Како што јавува МИА повикувајќи се на британската државна агенција за борба со криминалот (НЦА) во акцијата се уапсени и 17 лица.

Меѓу затворените страници се наоѓа и Блејк Бентал, за која се верува дека стои зад Силк Роуд 2. Оваа и уште 400 други интернет места се означени како страници преку кои се води илегална трговија на наркотични средства и на оружје.

Сите затворени страници, оперираат преку интернет мрежата ТОР за која се знае дека е место на илјадници интернет страници за продавање дрога, педофилски фотографии, како и за пласман и рекламирање на разни екстремистички групи и организации.

Од уапсените 17 лица во оваа меѓународна операција, шестмина се Британци. Станува збор за лица на возраст меѓу 19 до 58 години,чиј идентитет полицијата се уште не го открива.

Британски безбедносни експерти оценуваат дека рацијата претставува крупен пробив на полицијата во борбата против сајбер криминалот. Овие експерти, сепак, забележуваат дека бројот на уапсените е премногу мал,за големината и обемот на полициската операција, проширена во 17 земји, на два континента, што според нив, зборува дека има уште многу работа во пресметката со овој вид криминал.

Силк Роуд 2 е отворен во октомври минатата година и претставува најпопуларната интернет страница за илегално продавање дрога. Таа е замена за претходната страница, со истото име, која беше затворена, а нејзиниот сопственик уапсен.ТОР, пак, е специјален дел од интернетот кој бара софтвер, познат како тор браузер, за да може да се влезе во него.