Уапсени 19 лица за напади врз демонстрантите во Хонг Конг

Полицијата на Хонг Конг денеска соопшти дека уапсила 19 лица, од кои некои имале врски со организираниот криминал, откако разгневена толпа луѓе се обиде да ги избрка демонстрантите, кои веќе цела недела мирно протестираат за демократија, објави МИА.

Полицијата на Хонг Конг утрово на брифинг соопшти дека во судирите биле повредени најмалку 12 цивили и шестмина полицајци. Осум од уапсените напаѓачи имаат досиеја за врски со Tријадите, односно кинеската мафија.

Лидерите на протестот ги откажаа планираните преговори со Владата за политички реформи, откако вчера избувнаа судири.

Полицијата со часови се обидуваше ситуацијата да ја стави под контрола, додека напаѓачите ги тепаа, плукаа и клоцаа демонстрантите и се обидуваа да им ги растурат шаторите и импровизираните барикади. Дури ниту поројниот дожд не успеја да ја растури толпата незадоволнни луѓе.

Демонстрантите ги повикуваат локалните жители да ја поддржат нивната кауза и побараа полицијата да ги заштити и да побара одговорност од напаѓачите.

Стотици лица и изминатава ноќ останаа на улиците во Монг Кок, една од најфрекфентните трговски зони на Хонг Конг, продолжувајќи го мирниот протест, скандирајќи од време на време, набљудувани од полицијата.

Не се знае дали судирите беа спонтани или организирани, иако некои од напаѓачите носеа сини ленти, што сигнализира дека ја поддржуваат централната Влада во Пекинг, додека демонстрантите носат жолти панделки.

Само мал дел од напаѓачите беа локални жители, кои незадоволни од непријатностите од блокираните улици и затворените продавници, можно е да беа поттикнати работите да ги земат во свои раце од повиците на полицијата кон демонстрантите по итно да ги ослободат окупираните улици.

– Прашањето не е дали ја поддржуваме нивната кауза или не. Прашањето е дали тоа што го прават е законско или не. Тоа не е законско и донесе хаос во градот –  изјави 45-годишниот Доналд Чан.