Уапсени 20 лица по убиството на турскиот обвинител

Турската полиција денеска уапси дваесетина припадници на илегалната екстремно левичарска група, која вчера го изведе грабнувањето на обвинителот во судот во Истанбул, а целата операција заврши со неговата и смртта на двајцата киднапери, информираа агенцијата ФЕНА, повикувајќи се на турските медиуми.

Турските сили на редот денеска изведоа рација во градот Анталија и уапсија 22 студенти осомничени дека се  поврзани со Револуционарниот фронт за ослободување на народот (ДХКП-Ц), групата која ја презеде одговорноста за вчерашното земање заложник.

Како што јавуваат турските агенции, полицијата интервенира откако доби информации дека ДХКП-Ц подготвува други грабнувања, слично на она од вчера изведено во Палатата на правдата во Истанбул.

Силите на редот вчеравечер интервенираа кога двајцата вооружени милитанти, блиски до оваа марксистичка група, неколку часа како заложник го држеа обвинителот Мехмед Селим Кираз и се закануваа дека ќе го убијат.

Двајцата грабнувачи се убиени, а обвинителот Кираз почина од здобиените рани од огнено оружје.

Обвинителот ја водеше истрагата за околностите на смртта на Беркин Елван, малолетникот кој умре на 11 март 2014 година, откако 269 дена беше во кома бидејќи полицијата го погоди со граната со солзавец во Истанбул, за време на демонстрациите за паркот Гези во јуни 2013 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.