Уапсени 22 студенти во Анкара

Припадниците на интервентниот полициски одред растерале десетици студенти што се собрале на протест во близина на новата палата „од илјада соби“ на турскиот претседател Реџеп Таир Ердоган на периферијата на Анкара, јави АП.

Полицијата користела штитови и лут спреј за да ја спречи прошетката на студентите до палатата која, како што истакнува американската новинска агенција, стана симбол на сè поавторитарниот стил на владеење на Ердоган.

Агенцијата наведува дека на една видеоснимка се гледа како полицаец удира еден студент по лицето, додека друг полицаец го држи.

Опозициските партии, еколозите и активистите за заштита на човековите права оцениле дека оваа нова градба, која чинеше 630 милиони долари, е премногу екстравагантна, дека уништила илјадници стебла и е подигната и покрај судските пресуди.

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, во петокот беше првиот странски великодостојник што е примен во тој комплекс, наведува агенцијата.