Уапсени 4 адвокати и еден извршител во голема полициска акција

Деветнаесет лица, 18 од Гостивар и 1 од Скопје, се осомничени за „лихварство“, „злосторничко здружување“, „изнуда“ и „перење пари“.

Во рамки на оперативното истражување „Чекан“, полицијата поднесе кривична пријава против четворица адвокати и 1 извршител од Скопје, како и против правното лице „Голден плејс“ од Маврово, кои се дел од осомничените лица.

Помошник-министерот за односи во јавност во МВР, Иво Котевски, денес истакна дека криминалната група започнала да делува во 2008 година, претежно на територијата на општина Гостивар, објавува „Прес24“.

-Мотивот на криминалната група бил стекнување на противправна имотна корист, а истата ја пуштале во легален платен промет, користејќи голем број на сопствени фирми, банкарски сметки, вложувајќи во недвижности и превозни средства, како и давање на незаконски позајмици на физички и правни лица, притоа пресметувајќи високи лихварски камати, во висина од 8 до 20 проценти, истакна Котевски.

Тој додаде дека осомничените откако ќе ги довеле во неликвидна економска состојба лицата кои позајмувале пари од нив, им упатувале сериозни вербални и физички напади, а потоа ги терале да склучат фиктивни нотарски и адвокатски договори, составувани од осомничените адвокати.

-Со овие договори за купопродажба на недвижен имот или возила им го присвојувале имотот и возилата или со помош на извршителот покренувале и спроведувале постапки за извршување врз имотот на оштетените лица, потенцираше Котевски.

Полицијата досега има обезбедено докази дека криминалната група во легален промет во банките пуштила 2.125.000 евра и 54.000 американски долари.

При претресите одземени се 20 патнички возила, околу 43.000 евра, 12.000 швајцарски франци и над 230.000 денари, како и 4 пиштоли без дозвола, 60 куршуми, 1 ловна пушка, договори и предмети поврзани со оштетените, како и други ситни предмети.

Во истражувањето „Чекан“ приведени се 15 лица, по 2 се трага, а двајца се наоѓаат во странство.