Уапсени Британците кои ги истражуваа условите за работа во Катар

Властите во Катар потврдија дека уапсиле двајца Британци кои дошле да ги истражуваат условите за работа на странците на градилиштата кои се отворени за Светското фудбалско првенство во 2022 година во Катар.

Откако Катар во 2010 беше избран за домаќин на Мундијалот во 2022, таа земја постојано е под остри критики на организациите за заштита на човековите права и синдикати кои ги осудуваат лошите услови за работа на странците на градилиштата.

„Уапсените Британци се сослушани поради кршење на законите. Сите постапки против нив се во согласност со уставните принципи и почитување на човековите права,“ соопшти МНР на Катар, не наведувајќи со што уапсените го прекршиле законот.

Групите за заштита на правата на граѓаните се пожалија на условите на сезонските работници во Катар, а кон крајот на минатата година проструи веста дека голем број Непалци починале од жештините при изградба на одредени стадиони.