Уапсени четири лица осомничени за убиството на Немцов

Руските власти уапсија вкупно четворица осомничени за убиството на опозицискиот лидер Борис Немцов, соопштија Федералната служба за безбедност (ФСБ) и Советот за безбедност на Руската Република Ингушетија, пренесува МИА.

Претходно шефот на ФСБ, Александар Бортњиков истакна дека се приведени двајца осомничени жители на Кавказ, Анзор Губашев и Заур Дадајев. Тој додаде и дека истрагата разгледува неколку верзии на убиството, вклучувајќи и нарачано.

– Продолжуваме да работиме на утврдување на тоа кои поединци би можеле да бидат вмешани во ова злосторство, истакна безбедносниот официјален претставник Владимир Маркин.

Секретарот на Советот за безбедност на Руската Република Ингушетија, Алберт Баракојев доцна синоќа потврди дека се уапсени уште две осомничени лица во врска со истрагата. Тие се идентификувани како помлад брат на Губашев и маж кој бил во истото возило со Дадајев во моментот на апсење.

Според Истражниот комитет на Русија, осомничените лица за убиството на Немцов се вмешани во организирање и во непосредно извршување на убиство.

Функционер на партијата, чиј потпретседател беше Немцов – Републиканска партија на Русија-Партија на народна слобода, Иља Јашин изрази надеж дека приведените се вистинските извршители, додавајќи дека не ги знае деталите од апсењето и оти не му се познати нивните имиња.

Московскиот весник „Комерсант“ пишува дека според презимињата на осомничените, тие би можеле да бидат од севернокавкаските руски републики Чеченија или Кабардино-Балкарије и дека „според некои информации тие веќе ја признале вмешаноста“ во убиството.

Во најскоро време истрагата планира за очевидците да организира препознавање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.