Уапсени членови на обложувачка мафија, меѓу нив и лица од Македонија

Словенечката и хрвaтската полиција разбија меѓунардона криминална група вмешана во спортска корупција, илегално обложување и обиди за местење фудбалски натпревари во неколку држави, меѓу кои и Македонија, Србија и Чешка, соопшти Eвропол.

Девет лица во Словенија и две во Хрватска се уапсени во рамки на повеќемесечната истрага против обложувачката мафија. Во операцијата е извршен претрес на 13 домови и 15 возила. Сите уапсени се осомничени за манипулирање на резултати на фудбалски натпревари во професионалните лиги во Македонија, Србија и Чешка, по што уплаќале високи износи за обложување на веќе договорените резултати на натпреварите, за да ја осигураат добивката, соопшти словенечката полиција.

„Криминалците се осомничени дека се вклучени во обиди за местење фудбалски натпревари во Македонија, Србија и Чешка“, истакнуваат од Европол.

Словенечката истражна канцеларија, која се занимава со организиран и економски криминал, соопшти дека истрагата се однесувала на криминална организација, која преку интернет организирала пласирање високи износи за обложувачите во Азија.

Европската полиција наведе дека биле креирани илегални платформи за обложување, кои биле направени со цел да се обезбеди целосна анонимност на финансиските трансакции.

Криминалната група се сомничи и дека била побрзана со други криминални групи во светот, како и дека со илегалното обложување на сигурна добивка переле пари, заработени на други илегални активности, како што е криумчарење и продажба на дрога.

На приведените во Хрватска и Словенија им се одземени 35 електронски направи, 32 молини телефони, две лични возила, 19.600 евра и фалсификувана валута во вредност од 38.500 евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.