Уапсени напаѓачите на автобусот на фудбалерите на Фенербахче

Градоначалникот на Трабзон, Абдил Челил Оз изјави дека турската полиција рано изутринава уапсила две лица осомничени за нападот врз автобусот што ги превезуваше фудбалерите на Фенербахче.

Тој истакна дека еден од напаѓачите го следел конвојот, додека другиот отворил оган кон автобусот.

Нападот, во кој е повреден возачот, се случи во саботата додека играчите се враќаа во Истанбул по победничкото гостување кај Ризеспор.

Фудбалскиот клуб Фенербахче соопшти дека нема да игра додека не се реши случајот со вооружениот напад врз нивниот тим.

Во меѓувреме реагираше и раководството на Лигата, кое по состанокот со министерот за спорт Акиф Чагатај Килич одлучи да го суспендира турскиот шампионат и натпреварите од националниот куп.