Уапсени неколкумина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ

Пратеничката Жаклина Стефановска, пратеникот Крсто Муковски, пратеникот Љубен Арнаудов од Охрид, но и неколкумина други утринава се уапсени од полицијата, објавува порталот „Република“.

Покрај претниците полицијата ги привела и актерот Владо Јовановски, и Горан Ангелов – Ќосето од Велес. Според неофицијални информации, сите се уапсени за немирите во македонското собрание на 27 април, годинава.

Приведувањата биле извршени по налог на јавен обвинител.

Претходно, рано утринава, полицијата го уапси поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност во МВР Митко Чавков, по отворена истрага за насилствата од 27 април во Собранието, каде од пониските структури од МВР беше посочен дека 2 часа не давал наредба за дејствување на полицијата, со што го довел во опасност животот на пратениците од СДСМ и на други пратеници и новинари. Се очекува утрово Чавков да биде донесен во Кривичниот суд пред судија за претходна постапка.