Уапсени нови 185 имигранти на унгарската граница

На територијата на унгарскиот пограничен регион Чонград уапсени се нови 185 лица за илегален премин на границата, во најголем дел од Косово, потврди унгарската полиција,

Најголемата група е уапсена во близина на селото Морахалом, во која биле 52 лица од Косово, Авганистан и Сирија, што илегално ја минале „зелената граница“.

Унгарската полиција објави дека е започната постапка против 174 лица од Косово и уште 52 илегални имигранти од неколку држави, што се уапсени во периодот меѓу 13 и 15 февруари на територија на Унгарија.

Имигрантите се уапсени во вкупно 41 група, што се забележни во илегален престој во Унгарија, а меѓу нив се и 25 деца. Сите побарале азил и се предадени во надлежност на имиграциските служби, соопшти полицијата.

Во изминатите 72 часа унгарската полиција уапси за илегален премин на границата 1.298 лица.

Против 14 лица се покренати кривични постапки за шверц на луѓе, а против седум за фалсификување документи.

Деновиве полицијата на Унгарија и Србија договорија зголемен надзор на границата со цел да се спречи илегален премин на мигранти од Косово.

Истовремено, ЕК ги повика косовските власти итно да преземат мерки за спречување на бранот имигранти од Косово кон ЕУ.