Уапсени шест поранешни припадници на Армијата на БиХ за убиство на 30 Срби

Шестмина поранешни припадници на Армијата на Босна и Херцеговина се уапсени во вторникот под сомневање дека извршиле воено злосторство вклучително и убиство на најмалку 30 цивили од српска националност во текот на војната од почетокот од 1990-те години, потврди Обвинителството на БиХ кое ја води истрагата.

Припадниците на Државната агенција за истраги и заштита (SIPA) апсењата ги извеле во регионите на Илијаш и Какањ, дваесетина километри северно од федералната престолнина Сараево.

Станува збор за лица кои во 1992 година биле на командни места или припадници на Армијата на БиХ во единиците коишто дејствувале во областите на Какањ, Илијаш и Бреза. Како што појаснуваат од Обвинителството на БиХ, сите тие на 10-ти јуни споменатата година учествувале во нападот врз селото Чемерно во Општината Илијаш, кое било населено со Срби.

Во тој напад се убиени триесет лица, главно цивили меѓу кои имало и десет жени. Најмладата жртва имала 16 години, а највозрасната била на 80-годишна возраст.

Осомничените се товарат за кривични дела воено злосторство против цивилното население и воени заробеници, противзаконско убивање и ранување, како и кршење на законите и обичаите на војувањето.