Уапсени шестиот и седмиот осомничен за подготовка на нападот во Манчестер

© REUTERS / Andrew Yates

Жена е уапсена во средата вечерта во северниот англиски град Манчестер под сомневање за вмешаност во терористичкиот напад од понеделникот ноќта кога беа убиени 22 лица, пренесе BBC повикувајќи се на полициски извори, а телевизијата Sky News објави документ според кој бомбашот самоубиец бил врбуван за Исламската држава во Манчестер.

Станува збор за шестото апсење во врска со терористичкиот напад, откако претходно беа уапсени пет осомничени. Според извештајот на BBC, апсењето било изведено во текот на операцијата во квартот Блекли во северниот дел од Манчестер. Други поединости не се објавени.

Седмиот осомничен, за кој исто така не се соопштени други податоци, бил уапсен во текот на полициската рација во градот Нанитон во грофовијата Воркшир.

Во меѓувреме британските медиуми, повикувајќи се на извори од истрагата, наведуваат дека бомбашот самоубиец 22-годишниот Салман Абеди, роден во Британија од либиско потекло, бил во контат со главниот врбувач на џихадитичката организација Исламската држава во Манчестер.

Претходно во средата манчестерската полиција соопшти дека „тројца мажи се уапсени на југот од Манчестер во врска со тековната истрага за ужасниот терористички напад извршен во понеделникот вечерта во Манчестер Арена“.

Потоа беше објавено дека во Манчестер бил уапсен и постариот брат на осомничениот бомбаш самоубиец, Исмаил Абеди.

Агенцијата Reuters, повикувајќи се на либиски безбедносни извори, објави дека во Либија во вторникот вечерта бил уапсен помладиот брат на напаѓачот Хашем Абеди, а агенцијата Bloomberg извести дека е уапсен и неговиот татко Рамадан Абеди, познат како Абу Исмаил, кој порано членувал во исламистичката милитнатна организација откако емигрирал од Либија како противник на поранешниот водач Моамер ел-Гадафи. Тој се сомничи дека одржувал контакти со терористичката организација Ал Каеда.

Терористичкиот напад во Манчестер беше извршен на 22 мај вечерта по завршувањето на концертот на американската пејачка Аријана Гранде. Според досегашните официјални податоци, загинале 22 лица од кои 12 се деца. Во болниците се згрижени 64 повредени, од кои 20 се во критична состојба.
Покрај тоа, уште девет лица се водат како исчезнати.

 

Напаѓачот бил врбуван во Манчестер

Салман Абеди бил поврзан со главниот човек кој врбувал следбеници на Исламската држава во Манчестер, јави телевизијата Sky News, повикувајќи се на документ на џихадистичката организација кој го поседува медиумот кој минатата година објавуваше документација на Исламската држава добиена од разузнавачки извори.

Во документот се содржела информација за „милитант со детско лице по имено Рафале Хости“ од манчестерскиот кварт Мос Сајд, со кој контактирал Абеди, и се смета дека тоа лице врбувало стотици лица во полза на терористичката група.

Британски безбедносен извор потврдил за телевизијата дека Анеди и Хости биле во постојан контакт. Се претпоставува дека вториот бил убиен минатата година во Сирија во време на ракетен напад, но британските власти тоа не можат да го потврдат. Се претпоставува дека Хости кога бил убиен бил на 24-годишна возраст.

Со години манчестерскиот кварт Мосс Сајд е познат како област во којашто оперираат наркодилери и трговци со оружје, и иако од пред извесно време поради зачестените полициски рации ситуацијата е подобрена, на местото од дилерите и криминалците настапила пропагандата на Исламската држава. Според полицијата од споменатата област во јужен Манчестер биле врбувани 16 лица кои во моментов војуваат на Блискиот исток.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.