Уапсени шестмина осомничени за нападот на полициската станица во Ереван

Шест лица, за кои се верува дека се припадници на вооружената група што ја презеде и две седмици ја држеше полициската станица во Ереван, денеска се уапсени и против нив се покренати обвиненија, соопштија нивните адвокати.

Како што јави ТАСС, по барање на истражните органи, ереванските власти им определиле мерка строг притвор од два месеци на шест лица од групата. Дваесет лица од групата во неделата доброволно им се предадоа на ерменските власти, со што и заврши заложничката криза.

Еден од уапсените денеска, претходно бил ранет во престрелката со полицијата, и бил однесен во болница.

Шестемина се обвинети за незаконско поседување оружје и експлозиви, како и за држење заложници, стои во соопштението.

Ерменските служби за безбедност соопштија дека во врска со тој случај са приведени вкупно 47 лица, а 24 се обвинети за држење на заложниците.

Претседателот Серж Саркисијан веднаш се заложи за објективна истрага и транспарентен судски процес.