Убаво е да се биде Балканец – Ви благодариме Македонци

Многу е убаво овие денови да се биде Македонец. Тие направија секој Балканец или како што на Западот велат „граѓани од втор ред“, да се чувствува посебно, исполнето и гордо, пишува црногорскиот „Хендболме.ме“.

Ракометарите на Вардар и Металург на колегите од Хамбург и КИФ Колдинг им покажаа дека со пари не може да се купи се’… а и јасно им ставија до знаење кој е втор!

Македонските клубови потсетија на деновите кога некогашниот гигант Металопластика била најдобра во Европа. Колку повеќе го гледаме резултатот од Хамбург, се’ повеќе се чини нереален па „малиот“ клуб од Балканот ги елиминираше ХСВ, додека Металург во два меча го “истресе” КИФ Колдинг.

Беше вистинско уживање да се гледаат двата ракометни клуба кои веруваат дека една сиромашна земја сега се наоѓа меѓу осумте најдобри на стариот континент.

Но, донекаде можеше да се очекува македонските клубови да направат „чудо“, пишува црногорскиот портал, бидејќи се’ почнува од Сојузот, а имаме што многу да научиме од вас. Организација, услови, пари, спонзори, волонтери, резултати…сето тоа им оди во прилог.

Тие нотираат дека е направена вистинска стратегија, додавајќи: „Прифативте дека во другите спортови тешко може да ја израдувате нацијата во саканата мерка и го прогласивте ракометот за спорт број еден, додека со доаѓањето на рускиот милијардер Сергеј Самсоненко играта целосно оживеа. Сега ниту газдата на Металург, Минчо Јорданов нема да ја повлече рачната, иако е планирано подмладување на екипата, туку ќе се се вложува како никогаш досега“

„Македонци вие сте на вистинскиот пат- уживајте, вложувајте играјте, а ние макар засега ќе ве гледаме, ќе се радуваме и ќе навиваме за вас… Дали затоа што сте еден посебен шмек на европскиот ракомет, не дозволувајте им на оние кои се полни со комплекси да ве запрат“, завршува црногорскиот спортски портал.