Убиецот на матурантот Ангел ќе одговара за убиство со умисла

Ештрефи се сомничи дека на 19 мај годинава откако го украл велосипедот од дворот на семејството Петкови побегнал кон мостот кој води кон Сарај, а таму нешто подоцна го пресретнале Ангел и неговиот татко. При тоа, обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон сега покојниот нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош.

Скопското Јавно обвинителство покрена обвинение против Насер Ештрефи – осомничениот за убиството на матурантот Ангел Петковски од населбата Ѓорче Петров. Тој ќе одговара за тешка кражба и убиство со умисла, пишува Канал 5. Обвинителството побарало и продолжување на притворот.
Обвинетиот потоа бил нападнат од страна на таткото на сега починатиот со дрвен стап и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега.

Ангел Петковски подоцна им подлегнал на повредите.

Веднаш по убиството дојде до низа протести во скопско Ѓорче кои завршија со тепачки и нереди по улиците.

Во соопштението од јавното обвинителство на Република Македонија стои:

„Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши во целина истрагата за убиството на матурантот во населбата Ѓорче Петров. Врз основа на утврдените факти и докази во предметот поднесе Обвинителен акт до Основниот суд Скопје 1 Скопје против едно лице за сторени кривични дела Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3 и Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот Законик на Република Македонија.
Обвинетиот се сомничи дека на ден 19.05.2014 година околу 17 часот во дворот на семејната куќа на семејството на сега покојното лице на дрзок начин одзел еден велосипед, на начин што влегол преку влезната врата на дворот која била заклучена со рајбер, го здогледал велосипедот потпрен на ѕидот на куќата, па откако бил забележан како го одзема велосипедот и укорен од страна на таткото на сега покојното лице, обвинетиот се качил на велосипедот и со него побегнал.

По извршеното противправно присвојување на велосипедот, се упатил кон пешачкиот мост кој води кон с.Сарај, каде на патеката на насипот го пречекале таткото на сега покојниот кој го блокирал патот обвинетиот да не побегне кон мостот и сега покојниот кој го блокирал патот во правец спрема течението на реката Вардар.

При тоа, обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон сега покојниот нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат од страна на таткото на сега починатиот со дрвен стап и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега.

Таткото на покојниот и покојниот се упатиле до Европската очна болница да побараат медицинска помош, но како резултат на повредите од убодната рана дошло до брзо и обилно внатрешно и надворешно искрварување и развиток на хеморагичен шок, што довело до смрт кај сега покојниот на скалите пред Болницата.

За стореното дело обвинетиот се гони за кривично дело тешка кражба и убиство со умисла. Поради исполнување на законските основи, јавниот обвинителот до надлежниот суд предложи и продолжување на мерката Притвор.“